Светскиот рекет број 2 и шпански фаворит, Карлос Алкараз освои уште еден турнир во европската сезона на земја, победувајќи го германскиот аутсајдер Јан-Ленард Штруф во тешки три сета со 6:4/3:6/6:3 во финалето на Мастерс 1000 турнирот во Мадрид на преполната „Каха магика“.
Алкараз, кој се смета за прв фаворит на Ролан Гарос поради повредата на неговиот сонародник Рафа Надал, беше огромен фаворит поради фантастичната форма во која се наоѓа, но и поради тоа што 33-годишниот Штруф го играше своето прво АТП Мастерс 1000 финале и тоа како „среќен губитник“, односно како поразен во последното коло од квалификациите за да влезе на турнирот по повлекувањето на друг тенисер.
Шпанецот, кој го прослави 20. роденден на турнирот, ја оправда фаворитската улога со брејк уште во првиот гем на мечот, но Штруф покажа дека е расположен за борба, враќајќи брејк за 2:2. Сепак, првиот сет, по час игра беше во рацете на Алкараз со уште еден брејк во седмиот гем. Штруф се врати во вториот сет со брејк за 2:0, по што во маратонскиот шести гем одбрани пет брејк-топки за израмнување на 1:1. Во одлучувачкиот сет, сепак, Алкараз ја покажа силата и со еден брејк стигна до нова титула.
За Алкараз ова е 10-та титула во кариерата и втора по ред, откако во финалето на Барселона опен пред две недели го совлада Стефанос Циципас.