Американската тенисерка, Варвара Лепченко доби четиригодишна суспензија поради допинг откако беше условно суспендирана во август минатата година.
Лепченко имала позитивен тест на стимулант на Унгарија ГП турнирот во јули, а пред трибуналот се правдаше дека тестот е позитивен поради додатоци во исхрана.
„Доказите од тенисерката беа непостоечки, односно таа не можеше да објасни кои додатоци за исхрана ги земала пред и по тестот. Нема доказ дека тие додатоци резултирале со позитивен тест“, објави трибуналот на ИТФ.
Ова е втор допинг-престап за тенисерката родена во Узбекистан, но се сметаше како прв бидејќи претходниот случај во 2016 беше со контроверзното средство мелдониум, на кое беше позитивна и Марија Шарапова, која тогаш доби суспензија.
35-годишната Лепченко најдобриот рејтинг во кариерата го имаше во 2012 кога беше на 19. на ВТА листата, а во кариерата не освои ниту една ВТА титула и не мина четврто коло на гренд слем турнирите.