Top Sport

АО: Ѓоковиќ лесно, Раониќ на одмор го испрати Киријос

Новак Ѓоковиќ со лесна победа стартуваше на Австралија опен. Првиот носител го совлада Мичел Кругер од САД со 3:0 (6/3, 6/2, 6/2). Во второто коло се пласираше и Милош Раониќ, кој во дербито на првата рунда го победи Ник Кирјос.

Кругер одлично го отвори дуелот со Ѓоковиќ, направи брејк во третиот гем и од тој момент Србинот ја започна својата доминација. До крајот на мечот Американецот освои само пет гема.

Во второто коло Ѓоковиќ ќе има сериозен предизвик во Жо-Вилфред Цонга. Овие двајца пред 11 години играа во финалето на Астралија опен, кое заврши со победа на Ѓоковиќ.

foto: epa

Канаѓанецот Раониќ ѝ приреди големо разочарување на домашната публика, откако го совлада Ник Кирјос со 6/4, 7/6, 6/4. Во меч со малку шанси за брејк, пресуден за конечниот исход беше десеттиот гем од првиот сет кога Раониќ успеа да ја искористи третата брејк, која беше и сет топка.

Во втората рунда Раониќ повторно ќе игра дерби. Негов противник ќе биде поранешниот шампион Стен Вавринка. Швајцарецот речиси без борба избори пласман во второто коло. Него во вториот сет мечот му го предаде Ернест Гулбис.

Scroll to Top