Светскиот рекет број 4, и минатогодишен финалист од САД опен, Александер Зверев уште еднаш покажа дека е во фантастична форма и дека мора да се смета за еден од фаворитите за трофејот на Флешинг Медоуз, откако за еден час и 15 минути му оддаде вистинска лекција на ветеранот Алберт Рамос-Вињолас, победувајќи со 6:1/6:0/6:3.
Германецот, кој пристигна во Њујорк по фантастичното лето во кое стана олимписки шампион (и го победи Новак Ѓоковиќ во полуфиналето) и ја освои Мастерс 1000 титулата во Синсинати, беше апсолутно доминантен од стартот на мечот, добивајќи ги првите два сета по идентични 23 минути. Рамос-Вињолас, светскиот рекет број 48, малку го крена нивото во последниот сет, но Зверев одговори со уште два брејка за победа.
Следен за него во третото коло е подобриот од мечот помеѓу Александер Бублик и Џек Сок. Зверев има 13 победи едноподруго.