Новак Ѓоковиќ ја зголеми својата предност на челната позиција, на АТП листата, откако вчера ја освои рекордната седма титула на Австралијан опен. На врвот српскиот тенисер има 10.955 бода. На најновата АТП листа за по три позиции назадуваа минатогодишните финалисти на Австрлијан опен, Роџер Федерер и Марин Чилиќ.
Ѓоковиќ на врвот на листата има комотна предност пред Рафаел Надал, кого вчера го победи во финалето. Србинот има 2.635 поени повеќе од Шпанецот. Ѓоковиќ има 10.955, а Надал 8.320 поени. Зад овие двајца е Германецот Александар Зверев со 6.475 поени. За Зверев ова е најдобар пласман во кариерата.
Хуан Мартин дел Потро е на четвртото место (5.060 поени), на петтото место е Кевин Андерсон од Јужна Африка (4.845), а Федерер кој не успеа да ја одбрани титулата во Мелбурн, се наоѓа на шестата позиција. Швајцарецот има 4.600 поени.
Скок за два места, од деветтото на седмото, забележа Кеи Нишикори (4.110), Доминик Тим го задржа осмото место (3.960), а до деветтото место ‘скокна’ Американецот Џон Изнер (3.155).
Марин Чилиќ не успеа да ги одбрани бодовите од минатогодишното финале, тој назадуваше за три места и од денес се наоѓа на 10.позиција на АТП листата со 3.140 поени.