Top Sport

Азаренка: Нелогично е публиката да мора да е вакцинирана, а тенисерите не!

Белоруската тенисерка Викторија Азаренка стана првата во „белиот спорт“ која јавно побара задолжителна вакцинација против коронавирусот во овој спорт.

Азаренка, која утре од 17 часот треба да го игра мечот од третото коло на грен слем турнирот САД опен против Гарбине Мугуруза од Шпанија, вели дека е среќна што повторно може да игра пред публика, но притоа го отвора и прашањето за вакцинација меѓу играчите.

„Сакам да се отвори дијалог за задолжителна вакцинација меѓу тенисерите, бидејќи ми е нелогично публиката да мора да биде вакцинирана, а играчите не. Не гледам никаква смисла да се одолговлекува овој процес, бидејќи сите сакаме да бидеме безбедни, да си ја вршиме работата и да патуваме. Мораме да го започнеме тој разговор, бидејќи е неизбежен. Моето мислење е дека вакцинацијата во еден момент мора да стане задолжителна“ – рече Азаренка.

Според информациите на упатените во светот на тенисот, само половина од тенисерите во машка и во женска конкуренција досега се вакцинирани против Ковид-19.

Scroll to Top