Двократната шампионка од Австралија опен, Викторија Азаренка ќе го пропушти финалето од Дејвис купот во кој нејзината Белорусија ќе ги пречека 17-кратните шампиони Американките, потврдија од Белоруската тениска федерација.
Азаренка го пропушти САД опен во август бидејќи е вклучена во битка за старателство на нејзиниот десетмесечен син Лео и бидејќи детето не може да излезе од државата Калифорнија, тенисерката не сака да го остави сам.
Капитенот на Белорусија, Едуард Дубров, верува дека неговиот млад тим може да го надополни отсуството на Азаренка во финалето во арената „Чижовка“ во Минск на 11 и 12 ноември. Тимот ќе го предводи 19-годишната Арина Сабаленка, 78. на ВТА листата, заедно со 87-рангираната Алиаксандра Саснович, а во двојки ќе игра Лиѕија Морозова со 19-годишната Вера Лапко.
„Младите девојки направија огромен прогрес и затоа верувам во успех во финалето. Викторија не може да дојде поради причините кои сите ги знаете. Тоа е штета, но не можеме да ја смениме ситуацијата“, вели Дубров.
САД ќе бидат без сестрите Вилијамс, и ќе играат со шампионката од САД опен, Слоун Стивенс (13. на ВТА листата), Коко Вандевеге (12), Шелби Роџерс (59) и Елисон Риски (70).