Американската гимнастичарска дива, Симон Бајлс, откако се повлече од тимското финале и низа натпреварувања на Олимпијадата во Токио, на крајот стигна до бронза во греда и порача дека го направила тоа за себе.
24-годишната Бајлс оствари 14.000 поени за да освои бронза зад кинеските натпреварувачки Ксијанг Танг (14.233) и Ченчен Гуан (14.633). И покрај тоа што си оди од Токио со едно сребро (во тимското натпреварување) и една бронза, таа го израмни рекордот на Шенон Милер од 7 медали на Олимпијадите по четири злата во Рио во 2016.
„Не беше лесно да се повлечам од тие натпреварувања. Луѓето мислат дека е лесно, но физички и ментално не бев на вистинското место и не бев подготвена да ја ставам во опасност мојата безбедност, бидејќи на крајот, тоа не е најважното. Менталното и физичкото здравје ми беа над сите медали кои можев да ги освојам. На гредата се качив за да бидам пак таму. Не очекував медал. Го правев ова за самата себе. Мора да се зборува повеќе за менталното здравје, посебно кај спортистите, бидејќи знам дека некои поминуваа низ истото. Не сме само забава за јавноста, туку и луѓе кои поминуваат низ многу“, изјави Бајлс.
Making history. Always. @Simone_Biles ties the record for the most Olympic medals won by a U.S. gymnast. #TokyoOlympics pic.twitter.com/4lXZ6waUeQ
— Team USA (@TeamUSA) August 3, 2021