Top Sport

Бертенс подобра од Кербер во драмата во Сингапур

Осмата носителка, Кики Бертенс беше поупорна и подобра од Анџелике Кербер во последниот меч од првото коло на ВТА финалето во Сингапур, враќајќи се за 1:6/6:3/6:4 победа над трикратната гренд слем шампионка.

Холанѓанката, која последна се пласираше на елитниот турнир на најдобрите осум тенисерки во 2018, ја шокираше шампионката од Вимблдон по слабиот прв сет, за да осигура првпат во овој формат на турнирот најслабите четири носителки да ги добијат првите мечеви по победите на Елина Свитолина, Каролина Плишкова и Слоун Стивенс.

„Започнав навистина лошо, но успеав да ја свртам работата. Кога не ми одеше најдобро поразговарав со тренерот и одлучив да играм поагресивно и тоа беше рецептот за победата“, вели Бертенс.

Во првиот денешен меч, Американката Слоун Стивенс имаше фантастичен трет сет за со 7:5/4:6/6:1 да ја победи шампионката од САД опен, Наоми Осака по битка од 2 часа и 25 минути. Пред овој меч, Осака имаше низа од 14 победи во последните 16 меча, но направи 46 неизнудени грешки и загуби три брејка во последниот сет.

„Знаев дека нема да биде лесно против Наоми. Решив да останам смирена во последниот сет  и да ги искористам моите шанси“, изјави Стивенс по мечот во кој играа двете последни шампионки од Флешинг Медоуз.

Фото: ЕПА

Scroll to Top