Top Sport

„Биг бејби“ Милер падна на втор допинг-тест, крај на надежите за меч со Џошуа

Американскиот тешкаш Џерел „Биг бејби“ Милер паднал и на вториот допинг-тест, овојпат на човечки хормон за раст, за да ги „закопа“ сите надежи за дуел со шампионот Ентони Џошуа, откако неговиот агент Еди Херн потврди дека следната недела ќе го именуваат противникот за американското деби на Џошуа.

Само неколку дена откако не доби боксерска лиценца поради средството ГВ1516 во неговото тело, тој сега има позитивен тест на ХГХ (човечки хормон за раст), многу посериозен прекршок. Милер требаше да боксува против Џошуа на 1 јуни во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, но сега тоа е минато.

„Можам да потврдам дека има втор позитивен тест и иако сакавме да му дадеме шанса по првиот, ова е сериозен прекршок и нема место во спортот за такви боксери. Џошуа ќе боксува со ’чист’ боксер и ќе го победи“, изјави промотерот Херн.

На само шест недели пред закажаниот меч, на листата на боксери кои можат да му се спротистават на Џошуа се Адам Ковнацки, Луис Ортиз, Кубрат Пулев, Мајкл Хантер и Мануел Чар, како и непоразениот Оскар Ривас.

Scroll to Top