Top Sport

Бјорн Борг пресуди: Федерер е најголемиот на сите времиња

Легендарниот шведски тенисер, освојувач на 11 гренд слем титули, Бјорн Борг, за кој многумина уште сметаат дека е најдобриот тенисер во историјата, вели дека таа титула ја поседува Роџер Федерер, иако е воодушевен и од Рафа Надал и неговите успеси.

Швеѓанецот беше капитен на европскиот тим на Лејвер купот во 2017 и 2018 година и имаше шанса да биде тренер на двајцата.

„Го сакам нивното ривалство и нивната различна игра. Ме потсетува на дуелите со Џон Мекинро или на мечевите Сампрас-Агаси. Федерер и Надал се мотивираат меѓусебно и затоа нивните мечеви се секогаш одлични. За тенисот е потребно такво ривалство. Сепак, за мене, Роџер е најдобриот во тениската историја“, вели Борг.

Швеѓанецот вели дека не може да се споредува тенисот со неговата ера, поради сите промени.

„Сè е сменето! Рекетите, наградните фондови, условите за игра. Но, главната промена е во рекетите, бидејќи сега се можни неверојатни удари. Покрај тоа, тенисот стана игра на сила, и сите се многу посилни. Другите работи може да се сметаат за еднакви“, вели Борг.

Scroll to Top