Светската шампионка во бокс, Клареса Шилдс вели дека имала „вознемирувачка“ средба со Серена Вилијамс на Олимпијадата во Рио во 2016 година, по што сопрела да ја „идолизира“ тенисерката опишувајќи ја како „злобна“ и „непријателска“.
Шилдс, која е носителка на ВБА и ИБФ титулите во средна категорија и има прекар „Ти рекс“, вели дека не сака да биде како тенисерката по средбата на ЛОИ во Рио, каде што освои златен медал.
„Таа беше Серена Вилијамс. Потенцирам – беше. Се сретнав со Серена на Олимпијадата во Рио и едноставно не беше пријатна. За мене таа беше идол, и кога се сретнав во живо сфатив дека не е пријателски расположена. Таа беше злобна со многу луѓе на Олимпијадата и тоа ме натера да го сменам мислењето за неа. Јас сум поинаква. Таа е голема спортистка, но не многу добра личност“, вели 23-годишната Шилдс, која стана првата боксерка од САД која освои две олимписки злата, ткако во Рио ја одбрани титулата од Лондон 2012.
Коментарите на Шилдс доаѓаат пред нејзиниот меч за обединување на титулите со ВБО шампионката од Германија, Кристина Хамер, и во време кога Вилијамс загуби многу фанови со нејзиното однесување на финалето на САД опен, кога влезе во отворена расправија со судијата Карлос Рамос.