Осумкратниот олимписки златен медалист, спринтерот Усеин Болт, ќе биде награден со наградата за животно дело на наградите за спортска личност на годината на „Би-Би-Си“. 36-годишниот Јамајканец е најбрзиот спринтер во историјата и се повлече од спортот во август 2017 година како 19-кратен светски шампион.
Тој беше крунисан олимписки шампион на 100 метри и на 200 метри на три последователни Олимписки игри – Пекинг 2008, Лондон 2012 и Рио 2016 година.
„Јас сум жив доказ дека ако работиш напорно, можеш да добиеш сѐ што сакаш. Едно нешто што ме научи татко ми е дека ако сакаш нешто, работи напорно за тоа. Ми покажа со тоа што напорно работеше за да ми обезбеди мене, на мајка ми и на сестра ми, па кога ми кажа, му поверував. Само бидете фокусирани и работете“, изјави Болт за „Би-Би-Си“.
Болт е единствениот спортист кој победил и на 100 метри и на 200 метри на три последовни Олимписки игри, поставувајќи го својот светски рекорд на 100 метри од 9,58 секунди на Светското првенство во Берлин во 2009 година.
Тој, исто така, сè уште го држи светскиот рекорд на 200 метри од 19,19 секунди, кој го постави четири дена по рекордот на 100 метри во Берлин, прв од 11-те златни медали на четири светски првенства.