Top Sport

Чилиќ подобар од Ѓоковиќ во трилер-финалето на Квинс Клаб

Првиот носител, Марин Чилиќ ја освои титулата од елитниот подготвителен турнир за Вимблдон, Квинс Клаб, откако спаси меч-топка пред да стигне до 5:7/7:6(4)/6:3 победа над српскиот ривал Новак Ѓоковиќ во маратонски меч кој траеше три часа.

Хрватот не успеа да искористи пет меч топки во маратонскиот седми гем од првиот сет, за Ѓоковиќ да врати со брејк и да го освои првиот сет со 7:5. Во вториот сет, Чилиќ немаше шанси на сервис на Ѓоковиќ, а Србинот, кој одеше на првата титула од Квинс, имаше една меч топка на сервис на противникот, пред во тај-брејкот да пропушти водство од 4:1 и да го загуби со 7:4.

Во одлучувачкиот сет, на Чилиќ му беше доволен еден брејк да го победи уморниот противник и по вторпат да стигне до титулата од Квинс Клаб и само вторпат во кариерата да биде подобар од српскиот ривал.

„Едноставно се обидував да останам ментално во мечот, а ова беше навистина тежок тест. Немаше брејк за мене до тој последен гем. Ова беше една одлична недела за мене“, изјави Чилиќ, кој пред една година загуби во финалето од Фелисијано Лопез.

За триумфот, Чилиќ добива 500 АТП поени и 427.590 евра.

Ѓоковиќ одеше на својата 69. титула во кариерата, и ако ништо друго треба да биде охрабрен од својата игра по тешкото враќање од повредата на лактот. Ова беше негово прво финале по 51 недела.

„Марин заслужи да победи. За мене поразот беше тежок, но морам да гледам на позитивните работи. Не играв финале речиси цела година, така што чувството беше прекрасно“, вели 31-годишниот Ѓоковиќ.

Фото: ЕПА

Scroll to Top