Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ и „кралот“ на земја Рафаел Надал ќе го продолжат своето долгогодишно ривалство со пресметка во финалето на Ролан Гарос во Париз, откако Србинот направи премногу грешки, но на крајот по четири часа битка го совлада младиот Грк, Стефанос Циципас со 6:3/6:2/5:7/4:6/6:1.
Ѓоковиќ и Надал ќе се сретнат по неверојатен 56-ти пат, а Ѓоковиќ досега ја има предноста со 29:26, но и 15:11 во финалињата. Досега, двајцата одиграле 15 гренд слем финалиња, и тука Надал има предност од 9-6: Надал има 6-1 скор на Ролан Гарос и 2-1 скор на САД опен, додека Ѓоковиќ води на Австралија опен со 2-0 и на Вимблдон со 2-1.
Првиот сет беше вистинска „слика“ на дуелот на Ѓоковиќ и Циципас – грчкиот предизвикувач имаше седум брејк топки од кои не искористи ниту една, додека Ѓоковиќ ја искористи единствената ваква шанса за да го освои сетот со 6:3. По ова, нивото на играта на Циципас падна, и Ѓоковиќ, кој претходно се жалеше на повреди, експресно го освои и вториот сет со 6:2.
Циципас поведе во третиот сет, но потоа загуби два брејка и Србинот имаше меч-топка за да го реши мечот. Но, Циципас успеа да ја спаси и да го освои третиот сет, по што се забележа пад во играта на Ѓоковиќ, што Циципас го искористи да израмни на 2:2. Меѓутоа, кога беше најважно, Циципас ја загуби концентрацијата, дозволувајќи му на Ѓоковиќ да стигне до ново гренд слем финале, каде што ќе ја брка својата 18-та гренд слем титула.