Симона Халеп се пласираше во своето трето финале на Франција опен, каде што ќе се обиде, конечно, да ја скрши „клетвата“ и да стигне до својата прва гренд слем титула.
Романката, која е светска тенисерка број 1, успеа да одговори на предизвикот на шампионката од 2016 година, Шпанката Гарбиње Мугуруза победувајќи ја со 6:1/6:4 во меч кој траеше 1 час и 32 минути и остана на добар пат да го задржи првото место на ВТА листата.
Халеп започна фуриозно, поведувајќи со 5:0 во првиот сет, по што во вториот беше многу „потесно“ и Мугуруза поведе со 3:1 со брејк. Халеп се извлече од оваа ситуација и врати со брејк во слендиот гем за да ја комплетира импресивната победа.
„Навистина сум пресреќна што победив во овој меч, бидејќи Гарбиње е голема тенсиерка. Ова беше еден од моите најдобри мечеви бидејќи се борев за секоја топка“, вели Халеп, која загуби во финалето во 2014 од Марија Шарапова, и лани од Јелена Остапенко.
Во борбата за титулата во Париз, Халеп ќе пречека Американка, бидејќи Медисон Киз и Слоун Стивенс го играат второто полуфинале попладне.
„Среќна сум што можам повторно да играм во финалето на мојот омилен гренд слем. Се надевам дека ќе сум подобра од лани“, додава Романката.
Фото: ЕПА