Дејвид Хеј мораше да го одложи ри-мечот со Тони Белју откако доби повреда на раката паѓајќи по скали.
Поранешниот шампион во тешка категорија Хеј требаше да се сретне со Белју на 17 декември во „О2 арената“ во Лондон, откако Белју го изненади ветеранот во март нокаутирајќи го во 11. рунда откако Хеј го повреди скочниот зглоб во текот на мечот.
37-годишниот Хеј го „утнал“ гелендерот при вежба на скали и морал да оди на операција на раката, и сега би сакал мечот да се презакаже за март 2018 година. Од кампот на Хеј велат дека тој бил во фантастична форма.
„Морам да го одложам мечот со Тони Белју до 24 март или 5 мај, зависно од распоредот. Бев во совршена форма, со најмалку килограми во последните пет години и едвај чекав да се вратам во рингот. За жал, оваа несреќа дојде во најлошиот можен момент. Би сакал да му се извинам на Тони, неговото семејство и тренинг тимот и пред сè на фановите“, вели Хеј.
Хеј го доживеа само третиот пораз во кариерата кога беше нокаутиран во претпоследната рунда во март. Белју најави дека ќе го чека Хеј за ри-мечот и покрај шпекулациите дека наскоро може да влезе во рингот со ВБО шампионот во тешка категорија, Џозеф Паркер. Поранешниот шампион Тајсон Фјури веднаш побара дуел со Белју во мај.