Тешко е да ги разбереш Англичаните, а кога ќе ги разбереш и да ги прифатиш. Баш онака како што тие не можат да го прифатат „остатокот од светот“, надвор од Островото. Многумина ќе ги опишат како ладни, отуѓени, не многу „friendly“ расположени за дружење со некој новодојденец.
Но, така, накусо, ќе ги опишете и повеќето Скандинавци – Швеѓани, Данци и останати северњаци. Сепак, има нешто специфично, посебно, што ќе го забележите само кај Англичаните, но не и кај спомнатите северни народи. Тоа е арогантноста и агресивноста. Особини, кои толку впечатливо можеа да им се забележат во однесувањето во неделата, на двата спортски настана кои се одржуваа во Лондон – тенисот и фудбалот.
Арогантноста беше присутна на Вимблдон, а агресивноста на Вембли. Во позадина и на двете карактерни особини се крие фрустрацијата.
Фрустрација што некој друг може да биде подобар, посупериорен од нив, а тие во својот генетски код имаат запишано дека се најсупериорниот народ. (И теоријата за супериорноста на расите е измислена и напишана од англиски биолози, антрополози, медицински научници.
Германскиот нацизам е само нејзината брутална операционализација.) И како сега, со таков ментален склоп, да прифатиш дека во она за што сметаш дека е твое, дека тебе ти припаѓа, може да биде посупериорен некој кој е надвор од твојот „континет“ и „твојата раса“. Да биде тоа Новак Ѓоковиќ, од омразената им Србија!?
Пред две години, имав можност да го гледам во живо финалето токму на Ѓоковиќ против Роџер Федерер. Омразата на вимблдонската (англиската) публика кон Новак беше толку силна, да тоа се граничеше со социјална патологија.
И тогаш и сега, имам впечаток, дека тие, англиските навивачи, би прифатиле да навиваат за било кој друг тенисер од светот, па и да е од малигната Русија Медведев или Качанов, само за да го видат Србинот како губи.
Да, Новак им е поголема закана за националната гордост и безбедност и од рускиот Новичик, и од носачот на авиони Кузнецов кога плови во близина на Ла Манш…
Па, на самиот почеток на тенискиот турнир, Англичаните беа на раб да започнат војна со Русија, кога нивниот воен разурнувач провокативно вплови во руските територијални води во Црно Море. Сѐ е тоа ирелевантно и сѐ се заборава. Најважно е Ноле да биде клекнат на колена, па било тоа и од некој омразен Русин. Во неделата, желбата им се исполни, но на најболниот за нив начин. Новак беше клекнат на колена. Но, за да јаде трева.
Во денот кога да се биде Италијанец во Англија не беше воопшто популарно, само во глави полни со фрустрација може да се случи во тениското финале здушно да навивате за Италијанецот Матео Беретини, а неколку часа подоцна, неговите сонародници во фудбал да ви бидат омразениот непријател.
Ментална конфузија, која не може поинаку да се манифестира освен преку агресија, а кога потребата од исфрлање од себе на таквата деструктивност не може да се усмери кон оној кого го мразиш и потценуваш – во видното поле немаш ниту Србин ниту Италијанец, единствено што ти останува е анимално да почнеш да се „давиш“ меѓу себе. И не беа тоа, како многумина ги нарекуваат, фудбалски хулигани.
Барем не како фудбалски хулиган се подразбира кај нас во Македонија и пошироко во регионот – пред сѐ тинејџери и повозрасни млади луѓе, некаде до својата рана триесетта година. Тоа беа средовечни мажи од педесетина години, old school хулигани, што би рекле Комитите стара гарда, кои со текот на годините ниту се смириле ниту се социјализирале.
Имам можност во Лондон дневно на улица да сретнувам таков профил луѓе – тоа се оној тип на луѓе на кои од очите им се гледа дека во себе имаат некој голем притисок, кој секој момент може да експлодира во садизам и да почнат да тепаат и да претепуваат до смрт послаб од себе, легнат на земја.
Само строгите закони против насилие и расизам во Англија ги држат под контрола овие луѓе за да не еруптира нивната агресивност. Но, штом затаи репресивниот апарат на државата, а се појави „инстинктот на крдото“, припадност на група, со која те поврзуваат двете карактерни особености – агресивност и фрустрација, веднаш ги имате сликите кои во неделата цел ден ги гледавме по улиците на Лондон.
Англичаните многу (би градирал и најмногу) ѝ дале на современата светска цивилизација. И добро и лошо. Кога е во прашање спортот, тоа најмногу и највеќе се согледува во сите најпопуларни спортови, кои светската популација ги гледа и навија.
Сите до еден се измислени токму во Англија и од Англичани. И природна е желбата така емотивно да се посакува „фудбалот да се врати дома“. Но, она со што Англичаните мораат да се помират и да го прифатат е дека постојат и подобри од нив, креаторите на модерните спортски игри. Во фудбалот тоа го прифатија во неделата.
За тенисот останува наредниот Вимблдон, кога и според силата на бројките ќе мораат да прифатат дека омразениот им Ѓоковиќ е најдобриот тенисер на сите времиња.
Стара е изреката – кого не можеш да го победиш, придружи му се. Нa некогашниот Perfidious Albion, перфидно трансформиран во Гордиот Албион, а сега од светот перципиран како Frustrated Albion му претстои болен пат за да го осознае и направи она што најмалку сака да го направи: да се понижи и признае дека има подобар од него.
Строгата примена на законите е гаранцијата дека таа индивидуална и групна терапија ќе оди во општествено прифатливи рамки.
Од Лондон за Топспорт, Ненад Живановски