Top Sport

Деспотовски: Целта е Македонија повторно да биде во врвот на Европската лига

Македонските одбојкари осми ден се во Маврово на подготовките за претстојните натпревари во Европската лига. Филип Савовски го засили центарското место, па селекторот Ратко Павличевиќ ќе има можност уште попрецизно да го дозира темпото на тренинзите на националниот состав.

Иако е рано и до почетокот на групната фаза во седмиот настап во Европската сребрена лига има уште две недели и две контроли, полека се наѕира првата линија. Стојан Илиев има предност на позицијата примач на местото на повредениот Љафтов, а со оглед на отсуството на Николов, Савовски ќе му биде партнер на Маџунков во двоецот средни блокери.
Ангеловски не тренира поради обврски на работното место, па веројатна е можноста Костадин Ричлиев да биде единственото македонско либеро.

„Подготовките се одвиваат во најдобар ред иако сме подмладени. Но сите тренираат добро и придонесот на помладите е значаен за да се подготвиме добро за нашата цел, а тоа е повторно да бидеме во врвот на Евролигата. Првите контроли ќе ни покажат како да ја дополниме формата, односно кои ситници треба да ги поправиме“, вели организаторот на играта на македонската репрезентација Филип Деспотовски.

Златниот медал во Европската сребрена лига е секогаш во видното поле, но овој пат не е оптоварување. Македонија сака да изгради тим за континенталниот собир наредната година на којшто ние ќе бидеме коорганизатори, притоа со идеја поискусните да ја одржат, а помладите да ја унапредат формата.

Тоа би било вистинска победа наспроти постојаната желба конечнода се освои првото место во Европската сребрена лига. Годинашното издание за насзначи шест средби во групата со Босна и Херцеговина, со Романија и со Албанија,а потоа и евентуално учество на завршниот турнир во Будимпешта против домаќинот Унгарија и Финска.

Пред тоа, на 18. и на 19. во Маврово македонските одбојкари ќе се тестираат со Албанците, а по Евролигата ќе патуваат на Медитеранските игри во Алжир.

Во јули е закажан вториот сегмент од подготовките летово, а тој ќе заврши со турнирот „Чајка“ на којшто од 22. до 24. ќе ни гостуваат Австрија и Босна и Херцеговина, како и Јапонија доколку ја прифати поканата.

Scroll to Top