Бугарскиот тениски ас, Григор Димитров признава дека уште не е целосно физички опоравен од корона вирусот, откако неговиот позитивен тест на „Адрија турнејата“ на Новак Ѓоковиќ предизвика бура реакции кај тениските љубители.
„Вирусот е вистински. Најтешкиот дел е тоа што не знаеме што се случува, и таа несигурност најмногу боли. Јас бев активен цел мој живот и одеднаш морав да бидам затворен, и тоа ми беше навистина тешко. Навистина не се чувствував добро. Имав различни симптоми, не можев да го препознаат вкусот на храната и не мирисав ништо. Не ми е тешко да сум сам, бидејќи од мојата 12-та година живеам практично сам. Но, најмногу ме плашеше тоа што не знаеме какви долгорочни последици ќе има од болеста“, вели Димитров.
Димитров, заедно со организаторот на „Адрија турнејата“, Новак Ѓоковиќ, претрпе најмногу критики за летната турнеја низ Балканот која требаше да ги обедини луѓето. Тој додава дека е во контакт со Ѓоковиќ и дека и двајцата сакаат да мислат на тенисот.
„Зборував со Новак, секако. Бевме заедно и двајцата сме речиси вратени во форма. Двајцата тренираме и чекаме да видиме што ќе се случи следно“, објаснува бугарскиот тенисер.