Никола Мектиќ и Мате Павиќ, најдоброрангираната тениска двојка на светот, стигна до убедлива 7:5/6:1 победа над Новак Ѓоковиќ и Филип Крајиновиќ во одлучувачкиот меч во двојки во полуфиналето на Дејвис купот, за Хрватска да стигне до 2:1 победа и дуел со подобриот од мечот Русија-Шведска во неделното финале на најелитното репрезентативно тениско натпреварување.
Херој на Хрватите, секако е 23-годишниот Бруно Гојо, кој во првиот меч го победи Душан Лајовиќ по три сета, за потоа во вториот меч, Новак Ѓоковиќ повторно да ги врати во игра Србите, со победа во два сета против Марин Чилиќ. Сепак, и самиот Ѓоковиќ знаеше дека во одлучувачкиот меч ќе се сретнат со Мектиќ и Павиќ, двојка која освои 9 турнири оваа сезона, и се закити со златото од Олимпијадата во Токио.
Во првиот сет беше тесно до 5:5, кога еден брејк беше доволен Хрватска да поведе со 1:0 во сетови, за во вториот, Мектиќ и Павиќ да ја покажат својата сила и да го добијат со 6:1.