Ентони Џошуа беше дипломатски во одговорот на ВБЦ шампионот Дионтеј Вајлдер откако Американецот го критикуваше за перформансите во победата над Енди Руиз Јуниор во саботата, но неговиот промотер Еди Херн беше подиректен со изјава по која е тешко дека ќе видиме пресметка на двајцата боксери.
Џошуа ги врати своите ИБФ, ВБА, ВБО и ИБО појаси во Саудиска Арабија со победа на поени по 12 рунди над Мексиканецот Руиз во меч во кој влезе внимателно и го држеше противникот на дистанца. Вајлдер не беше импресиониран и го обвини Британецот дека „сака да го глуми Владимир Кличко“ и неговиот „досаден стил на бокс“. Џошуа се обидуваше да го заддржи нивото.
„Тоа е негово мислење. Некои луѓе како него, кои немаат позитивни работи во себе, не можат да кажат ништо позитивно. Јас го надбоксував светскиот шампион во 12 рунди и не загубив ниту една. Имав план, бев успешен, нели е тоа доволно? Не можам да ги задоволувам сите, боксувам за победа“, одговори Џошуа.
Неговиот промотер Херн пак беше директен.
„Трошиме многу енергија за зборување за Вајлдер, кој во големата шема на работите, има само боксувано во Лас Вегас и продаде само 7.000 билети. Никому не му е грижа за Дионтеј Вајлдер“, изјави Херн.