Top Sport

Џошуа не импресионираше, но ги обедини титулите (галерија)

Ентони Џошуа освои уште еден појас во својата колекција, откако првпат во кариерата не го нокаутираше противникот, но победи на поени против Новозеланѓанецот Џозеф Паркер во меч на „Принсипалити“ стадионот во Кардиф.

Мечот во 12 рунди, секако, не ги оправда очекувањата, што поради преголемата претпазливост на двајцата боксери, што поради судијата, кој одби да дозволи блиско боксување, разделувајќи ги противниците.  На крајот, судиите беа едногласни и го одредија Џошуа како победник – двајцата со 118:110 и третиот со 119:109.

Џошуа беше поагилниот, поактивниот и подобриот боксер во мечот, но Паркер покажа зошто никогаш не бил нокаутиран во кариерата, примајќи неколку силни удари, но останувајќи на нозе. Паркер имаше и неколку обиди за напад во осмата и деветтата рунда, но стана јасно дека ќе мора да оди на нокаут во финишот ако сака да го шокира „Еј Џеј“. Тоа, на крајот не се случи, а не му помогна ниту исеченицата над окото.

Британецот сега е носител на ВБА, ИБФ и сега и ВБО титулата од Паркер, и му недостасува само ВБЦ трофејот на Дионтеј Вајлдер, кој на крајот може да му биде одземен на Американецот по контроверзната изјава дека „сака да убие некого во рингот“. По победата, Џошуа го предизвика Вајлдер.

„Стратегијата беше да се држам до мојот план и да чекам шанса со левицата. Ова беше лесна работа во 12 рунди. Знаев дека Паркер ќе биде посветен на мечот, и ова изгледаше на боксерски меч, а не на тепачка. Се работеше за финесите. Сега сум апсолутен шампион во тешка категорија. 21 победи, шест меча за титула. Сега, треба да дојде Вајлдер и него да го суредам“, вели Џошуа.

Scroll to Top