Норвешката скијачка асоцијација потврди дека нивниот ски-скокач, Даниел Андре Танде излезе од медицински индуцираната кома по страшниот пад во четвртокот на леталницата во Планица, Словенија.
Процесот на будење започнал во саботата, а според докторот на норвешката репрезентација, Гури Ранум Екас, долгиот процес почнал без проблеми.
„Ситуацијата со Даниел е стабилна. Нема никакви проблеми во текот на процедурата“, изјави Ранум Екас од клиниката во Љубљана.
Танде ја загуби контролата на летот во четвртокот, и падна на глава, останувајќи неподвижен на снегот. Тој веднаш беше интубиран и со хеликоптер пренесен во клиниката во Љубљана, а беше поставен во медицински индуцирана кома за да се намали опасноста од отекување на мозокот.
Ова не е прва опасност по животот за Танде – по Олимпијадата во 2018 година, тој беше болен од Стивенс-Џонсон синдромот, ретка, но сериозна болест на кожата и слузокожата. Танде прво почувствувал оток во устата, а еден ден подоцна не можел да дише и итно бил пренесен во болница.