Лидерот во генерален пласман Рјоју Кобајаши драматично стигна до „Ро ер“ титулата од турнејата на норвешките скокалници, но во Викерсунд главна ѕвезда беше тинејџерот Домен Превц, кој се врати на победите.
19-годишниот Превц имаше скокови од 241 и 232.5 метри на леталницата во Викерсунд за да собере 454.7 поени, за само 0.1 поен повеќе од Кобајаши кој имаше скокови од 237 и 239 метри. Пред последната скокалница од норвешката турнеја, Кобајаши заостануваше 8.5 поени зад Штефан Крафт, и двајцата беа речиси израмнети по првата серија – Кобајаши скокна 0.5 метри подалеку, пред во втората серија Крафт да потфрли и на крајот да биде трет. Овој трофеј за Кобајаши доаѓа по совршениот настап на новогодишната турнеја „4 скокалници“ и големото водство во генерален пласман.
Превц пак, се врати во форма откако на крајот на 2016 година имаше сензационални четири победи во помалку од месец дена по што имаше пад на формата. Тој е најмладиот скокач од браќата Превц, по Петер (26) и Цене (23).