Олимпискиот шампион во скок со стап, Французинот Рену Лавилени и шведскиот светски рекордер во дисциплината Арманд Мондо Дуплантис на крајот беа израмнети во „Ultimate Garden Clash“, дуелот на најдобрите скокачи во нивните градини.
Заедно со Американецот Сем Кендрикс, Лавилени и Дуплантис се обидоа да прескокнат 5 метри најмногу пати во 30 минути во формат кој сами го измислија, поврзани преку видео-линк за фановите на социјалните мрежи.
Кендрикс скокаше во Оксфорд, Мисисипи, Дуплантис беше во Лафајет, Луизијана, додека Лавилени се натпреваруваше во својата градина во Клермон-Феран, Франција.
Дуплантис водеше на стартот, пред Лавилени да го стигне и на крајот на половината час, Лавилени и Дуплантис имаа по 36 успешни обиди, додека Кендрис успеа да стигне само до 26.
„Доста ми е, не сакам да ризикувам, ќе го споделам златото со Мондо. Ми недостасуваше натпреварувањето, а иако бев во својата градина, чувството беше одлично“, вели Лавилени.