Top Sport

Еден „пеколен“ удар за титула – Вајлдер со брутален нокаут над Ортиз (видео)

Непоразениот ВБЦ шампион во тешка категорија, Дионтеј Вајлдер уште еднаш покажа зошто го сметаат за боксерот со најопасен удар по Мајк Тајсон, праќајќи го Луис Ортиз на подот во седмата рунда во саботата да ја одбрани титулата.

Вајлдер (42-1-0, 41 КО), беше надбоксуван во седум рунди од мечот во „МГМ Гранд гарден арената“, но еден удар со десната рака го „заврши“ Ортиз, за 10. одбрана на титулата која ја освои во 2015 година, по што следува пресметката со Тајсон Фјури во февруари.

Еден удар со десницата го прати Ортиз (31-2, 26 КО) на подот, и иако тој успеа да стане на нозе и да го изддржи броењето до десет, судијата Кени Бејлес го прекина мечот.

„Гледате зошто никој не сакаше да боксува со Ортиз. Тој е умешен, боксер со стратегија и морав да се играм со него и да го чекам мојот момент. Имам голем интелект во рингот, иако никој не зборува за тоа. Му ја најдов мерката и го повредив“, вели 34-годишниот Вајлдер.

Многу боксерски експерти сметаа дека Вајлдер прави непотребен ризик со прифаќање на ри-меч со опасниот 40-годишен Кубанец, посебно бидејќи мечот со Фјури е на само три месеци. Ортиз го покажа квалитетот со 35-34 однос на удари додека мечот не беше прекинат.

„Тоа е боксот. Им кажав на сите дека ќе биде – или тој или јас и дека нема да заврши во 12 рунди“, признава Ортиз.

Scroll to Top