Шампионката од Австралија опен и светска тенисерка број 1, Наоми Осака повторно мора да се „справува“ со своите поранешни тренери, но овојпат не се работи за Саша Бајин, тренерот кој и донесе две гренд слем титули па доби отказ.
Поранешниот јуниорски тренер Криштоф Жан ја тужи Јапонката за 2 милиони долари, бидејќи тврди дека има договор со таткото на Осака, Леонард Франсоа (попознат како Макс) за да биде тренер на Наоми и нејзината сестра Мари кога тие беа тинејџерки во 2011. Жан додава дека според договорот тој треба да добива 20 отсто од парите кои двете сестри ги добиваат од турнирите и од спонзорските договори на „неопределено време“.
„Не сакав да го направам ова, но последен пат кога зборував со Макс, тој ми кажа да си најдам адвокат. И така, јас си најдов адвокат“, вели Жан.
Осака во февруари се раздели со германскиот тренер Саша Бајин, кој успеа да и помогне да освои две гренд слем титули, но демантираше дека се работи за несогласувања за пари.
„Сите мислеа дека се работи за многу пари, но не беше тоа. Не го поставив успехот пред среќата. Нема да се жртвувам само некој да е до мене“, изјави тогаш Осака, која оттогаш работи со Џермејн Џенкис, поранешниот тренинг-партнер на Венус Вилијамс.