Роџер Федерер несомнено ќе биде забележан како еден од најдобрите, ако не и најдобриот тенисер во историјата, и пред крајот на својата кариера, тој открива кои му биле најважните моменти во 20-годишната кариера во која освои 98 титули, од кои 20 на гренд слем турнирите.
Кога беше запрашан кој му е моментот во кариерата на кој најмногу ќе се сеќава, 37-годишниот Швајцарец вели дека тоа е февруари 2004, првпат кога се искачи на првото место на АТП листата.
„Можеби го кажав тоа милион пати, но тоа е вистина. За мене врвот е тоа – кога победив на Вимблдон и станав светски број 1. Кога си број 1 тоа значи дека си имал постојана година, си победувал секоја недела. Тоа е вистинско остварување покрај Вимблдон, бидејќи таму победија сите мои тениски херои“, вели Федерер.
Уште едно големо остварување на Федерер беше поминувањето на рекордот на Пит Сампрас од 14 гренд слем титули, но Швајцарецот не сака да се споредува со другите легенди.
„Кога го направив тоа беше големо, а не да останам рекордер секогаш. Само момент кога си поминал некого. Кога ќе играш за историја и ќе го направиш тоа, моментот е кул, и тогаш те споредуваат со другите големи тенисери. Тоа не значи дека си подобар од нив. Мојата кариера беше многу подобра од очекувањата“, додава Швајцарецот.