Роџер Федерер влезе во остар напад на својот српски ривал Новак Ѓоковиќ, откако тој одби да се состане со него во Индијан Велс, а во нападот се приклучи и Рафаел Надал, бидејќи Србинот не ги објаснил причините поради кои го предводел бунтот против претседателот на АТП, Крис Кермоуд.
Ѓоковиќ, кој е претседател на Советот на играчи во АТП, ја одиграл клучната улога во исфрлувањето на Кермоуд од чело на асоцијацијата во четвртокот, додека Федерер и Надал јасно застанаа зад Американецот.
„Се обидов да се сретнам со него пред крајниот рок, односно пред гласањето. Но, за жал тој нема време. Тој ми одговори дека има многу обврски и дека можеме да се сретнеме следниот ден, а потоа отиде и веќе беа одлучени да го направат тоа што го замислија. Тешко е да се разбере. Се сретнав со Рафаел Надал и сега сме на иста позиција за тоа што е важно за нас“, изјави Федерер за швајцарскиот „Блик“.
Надал, исто така вели дека е разочаран од однесувањето на Ѓоковиќ.
„Моја одлука е да стојам надвор од политиката, но во исто време разочаран сум што никој не дојде и не објасни зошто, која е вистинската причина зошто Крис не продолжи да го води спортот. Момците кои се во советот на играчи, на крајот ги претставуваат сите тенисери, не само себе. Мораат да ги прашаат тенисерите што мислат пред да донесат таква одлука“, вели Надал.