Top Sport

Федерер ја доби тениската класика со Надал и закажа финале со Новак

Иако, секако, не беше на нивото на нивната епска пресметка во финалето во 2008 година, Роџер Федерер и Рафаел Надал на тениските љубители на „Централниот терен“ им приредија уште еден спектакл, кој на крајот му припадна на швајцарскиот „Маестро“, кој стигна до победа во четири сета од 7:6(3)/1:6/6:3/6:4 за да закаже уште една голема пресметка со актуелниот шампион Новак Ѓоковиќ.

Федерер никогаш не криел дека Вимблдон е неговиот омилен турнир и дека секогаш го дава максимумот на тревата во Лондон, и овојпат за разлика од 2008 година, тој беше во контрола на мечот речиси во секој момент, освен во вториот сет.

Ова беше јубилејна 40-та пресметка на двајцата тенисери кои ги одбележаа последните две децении во светскиот тенис, и Федерер ја забележа 16-тата победа, додека Надал останува на 24. Федерер ќе игра за својата рекордна деветта титула од „Ол Ингланд“ клубот во своето 12-то финале на славниот тениски терен. Меѓутоа, и против Ѓоковиќ тој влегува со негативен вкупен скор (22-25), а од него има загубено во финалињата на Вимблдон во 2014 и 2015 година.

Во првиот сет, двајцата беа израмнети, пред Федерер да доминира во тај-брејкот и да го освои со 7:3, откако освои пет поени во низа. Но, потоа следуваше падот во формата, и Надал го искористи тоа фуриозно да го земе вториот сет со два брејка. Федерер го освои својот прв брејк против Надал дури во третиот сет за да поведе со 3:1, предност која беше доволна да го освои сетот и да дојде на еден сет од финалето.

Надал почна да прави повеќе неизнудени грешки, и Федерер го искористи тоа за да поведе со 3:1 и во четвртиот сет, а иако Шпанецот беше блиску до брејк при 3:2, на крајот Швајцарецот ја заддржа предноста. Надал успеа да спаси две меч-топки на свој сервис во деветтиот гем (при 5:4), но веќе во следниот гем, и покрај упорноста на Шпанецот, Федерер стигна до победата во нивната 40-та пресметка.

Scroll to Top