Top Sport

Федерер „леташе“ до полуфинале во Индијан Велс, сега го чека Надал

Роџер Федерер по 12-ти пат се пласираше во полуфиналето на Мастерс турнирот во Индијан Велс, откако со 6:4/6:4 го совлада Полјакот Хуберт Хуркач, поставувајќи потенцијална пресметка со трикратниот шампион Рафаел Надал.

37-годишниот Федерер немаше проблеми против 22-годишниот Полјак, стигнувајќи до победа по еден час и една минута, за да освои 38 од 39-те гема на свој сервис на турнирот. Федерер и Новак Ѓоковиќ се рекордери во турнирот во пустината со пет титули, а Швајцарецот на 2 март ја освои својата 100. АТП титула во Дубаи.

Федерер сега ќе игра со Надал или со светскиот број 13, Карен Хачанов. Ако се случи дуелот со Надал, тоа ќе биде нивни 39. во кариерата (Надал има 23-15 предност) и четврти меч во Индијан Велс (Федерер има 2-1 скор). Швајцарецот го доби својот претходен единствен меч со Хачанов во Хале пред две години.

Во второто полуфинале во Индијан Велс ќе играат Доминик Тим и Милош Раонич.

Scroll to Top