Top Sport

Федерер повторно ги налути Србите

Освојувачот на рекордни 19 гренд слем титули, Роџер Федерер со една изјава ги налути сите српски тениски фанови, иако во изјавата воопшто не го спомена најдобриот српски тенисер, Новак Ѓоковиќ.

Федерер пред настапот на домашниот Свис индорс во Базел беше запрашан (повторно) да каже дали се смета за најдобриот тенисер на сите времиња.

„Тешко е да се каже кој е најдобар. Тука се Бјорн Борг, Џон Мекинро, Род Лејвер, Иван Лендл, Рафа Надал, Џими Конорс и Пит Сампрас. Сите правеа неверојатни работи“, изјави Федерер.

Српските медиуми тврдат дека ова е навреда за Ѓоковиќ, освојувачот на 12 гренд слем титули и 30 Мастерс титули. Свој коментар имаше и Радмило Арменулиќ, поранешниот капитен на српскиот Дејвис куп тим.

„Познато е дека Федерер нема високо мислење за Новак. Можам делумно да го разберам тоа, бидејќи нивното ривалство трае од пристигнувањето на Новак на големата сцена. Меѓутоа, ако се кажуваат имињата на најдобрите играчи, логично е Ѓоковиќ да е тука. Тоа што го нема е само прашање на злоба и човечка пакост. Федерер и Надал станаа пријатели, но Федерер од првиот ден зборуваше дека Ѓоковиќ нема да е долго број 1. Тоа има врска и со стравот“, изјави Арменулиќ.

Scroll to Top