Роџер Федерер дојде на чекор до симнување на Рафаел Надал од првото место на АТП листата, откако со 6:4/6:4 го совлада Аргентинецот Гвидо Пелја за пласман во полуфиналето на Мерцедес купот во Штутгарт.
На швајцарскиот „Маестро“ му е потребна победа против Ник Кирјос или Фелисијано Лопез во полуфиналето, за вторпат оваа година да се врати на првото место на АТП листата.
Победата над Пелја за само 55 минути доаѓа сасмо во вториот меч за Федерер во последните три месеци откако тој ја пропушти целата сезона на земја. Тој оди на прва титула во Штутгарт, откако во 2016 загуби во полуфиналето од Доминик Тим, а минатата година загуби во првото коло од стариот пријател Томи Хас.
Сега, Федерер има 19 победи во 21 меч оваа сезона, и многумина го сметаат како прв фаворит за деветта титула на тревнетите терени на Ол Ингланд клубот.
Во другото полуфинале ќе играат Милош Раонич и актуелниот шампион, Лукас Пуј. Раонич со 7:6(2)/7:6(1) го совлада чешкиот ветеран Томаш Бердих, додека Пуј се намачи за 6:4/6:7(5)/6:3 победа над Узбекистанецот Денис Истомин.