Top Sport

Федерер стартува со Лајовиќ, Димитров-Вавринка во првото коло!

Актуелниот шампион Роџер Федерер ќе го стартува „походот“ по деветта титула од Вимблдон против српскиот светски број 57., Душан Лајовиќ, и се најде во истата половина од ждрепката со Хрватот Марин Чилиќ, кој е трет носител, и кого го победи во минатогодишното финале.

Вториот носител и светски број 1, Рафаел Надал, кој е шампион од 2008 и 2010 година, почнува против Израелецот Дуди Села, додека трикратниот шампион Новак Ѓоковиќ игра со Американецот Тенис Сандгрен.

Британскиот фаворит, Енди Мареј, кој останува неизвесен за турнирот по кам-бекот по речиси цела година во аут со повреда на колкот, не е носител и ќе игра со Французинот Беноа Пер. Најголемиот меч во првото коло ќе биде тој помеѓу шестиот носител, Григор Димитров и трикратниот гренд слем шампион Стен Вавринка, кој исто така се враќа на тенисот по долга пауза.

Седумкратната шампионка, Серена Вилијамс, која доби „подарок“ од организаторите со тоа што ја направија 25. носителка, иако е на 183. место на ВТА листата, почнува против 107-рангираната Аранча Рус од Холандија.

Актуелната шампионка, Шпанката Гарбиње Мугуруза игра со Британката Наоми Броуди во првото коло. Првата носителка кај жените, шампионката од Ролан Гарос, Романката Симона Халеп ќе се спротистави на Јапонката Куруми Нара во првото коло.

Фото: ЕПА

Scroll to Top