Четирикратниот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, ќе остане во Ред Бул и следната сезона.
Веќе подолго време се шпекулираше дека Холанѓанецот ќе премине во Мерцедес, но пред трката на Хунгароринг, тој ги отфрли тие гласини.
„Работата е во тоа што луѓето многу зборуваат во текот на целата сезона, а единствениот што навистина треба да зборува, a не зборува – сум јас. Секогаш било јасно, па и за следната година. Веќе разговарам со тимот за плановите за наредната сезона. Тоа значи дека останувам со тимот и следната година“, изјави Ферстапен.
Шпекулациите за премин во Мерцедес го достигнаа врвот кога беше објавено дека тој и Тото Волф биле заедно на одмор на Сардинија.
„Ако мојата јахта е до јахтата на Тото, тогаш е така. Можете да имате личен однос со некого дури и ако немате деловен“, додаде Макс.
Ферстапен минатиот викенд беше четврти на патеката Спа Франкошамп.
Сега е трет во генералниот пласман, со 81 бод помалку од водечкиот Оскар Пијастри и 65 помалку од второпласираниот Ландо Норис.