Британскиот боксер Тајсон Фјури рекол дека сака реваншот со Американецот Дионте Вајлдер да се одржи на култниот стадион „Олд Трафорд“. Борбата помеѓу овие двајца, минатиот викенд, заврши без победник, поради што Вајлдер ја одбрани титулата во тешка категорија, во верзијата ВБЦ.

„Френк Ворен (неговиот промотор) рекол реваншот да биде на „Емирејтс“ (стадионот на Арсенал), но јас велам не, реваншот треба да се одржи на „Олд Трафорд“, рекол Фјури.

Инаку, Британецот, по мечот во Лос Анџелес, беше лут на судиите, кои гласаа 115:111 за Вајлдер, 114:112 за него, а еден судија гласал 113:113.

„Никогаш во животот не сум видел полоша одлука. Тоа беше подарок за мојот противник“, рекол 30-годишниот боксер, кој во Лос Анџелес два пати заврши на подот.

„Го видовте најдобриот Фјури, но не го добивте најдобриот Вајлдер и повторно си ја завршив работата“, му одговорил на „Инстраграм“ на својот противник 33-годишниот Вајлдер.