Top Sport

Фјури се „поигра“ со Пјанета, па го потврди мечот со Вајлдер

Тајсон Фјури без проблеми на поени го совлада Германецот Франческо Пјанета во Белфаст, по што во рингот го повика ВБЦ шампионот, Дионтеј Вајлдер, потврдувајќи ја пресметката со Американецот оваа есен.

Популарниот „Џипси кинг“ го продолжи својот кам-бек по победата од 100:90, 100:90, 100:90 во десет рунди во Белфаст, за да остане непоразен со 27-0 скор и 19 нокаути. Фјури, поранешниот ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО шампион во тешка категорија, немаше многу проблеми со Пјанета, и дури имаше време да „танцува“ налик на Мухамед Али за забава на публиката.

Пјанета се обиде да го „натера“ Фјури во тесно, но Британецот со долгите раце беше под контрола цело време, а потоа во следните рунди го искористи заморот на противникот, за да го удира кога ќе посака. Публиката во Белфаст бараше нокаут, но тоа не се случи.

По ова, следуваше „важното“ – Дионтеј Вајлдер, кој беше присутен покрај рингот, влезе внатре и двајцата разменија малку „боцки“ пред да го потврдат мечот за титулата, а промотерот Френк Ворен објави дека деталите ќе бидат познати следната недела. Фјури дури успеа да го „дофати“ ВБЦ појасот на Американецот и да го прошета во рингот, иако потоа му го врати.

Scroll to Top