Top Sport

Фјури во допинг-скандал – фармер тврди дека лажел за нив по позитивниот тест во 2015

Британскиот шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури се наоѓа во центарот на голем допинг-скандал, откако се појавија вести дека член на неговиот тим ветил 25.000 фунти на еден фармер за да лаже за позитивниот тест на боксерот во 2015 година, објавува „Дејли мејл“.

Суштината на скандалот е во позитивниот тест на Фјури и неговиот братучед Хјуи Фјури во февруари 2015 на стероидот нандролон, за кој двајцата се правдаа дека се случил поради јадење на некастрирана дива свиња. Тие за тоа добија казна од 2 години, дозволувајќи им продолжување на кариерите во декември 2017, по што кариерата на Фјури почна со вториот живот, кулминирајќи со победата над Дионтеј Вајлдер за ВБЦ титулата минатиот месец.

Сега, фармерот Мартин Керфут од Ланкашајр, тврди дека потпишал две изјави до Британската анти-допинг агенција (УКАД) дека ги снабдувал боксерите со месо од дива свиња, иако тоа не се случило и дека му биле ветени 25.000 фунти, кои никогаш не му биле исплатени.

„Никогаш не сум чувал диви свињи, никогаш не сум убил дива свиња. Тие ми ветија 25.000 фунти за да потпишам и јас решив да им помогнам. Сега ми е доста од лагите и измамите и треба да се знае вистината“, изјави Керфут за „Дејли мејл“.

Scroll to Top