Top Sport

Фрум нема да ја брани титулата од Џиро Д’Италија

Крис Фрум нема да ја брани титулата од Џиро Д’Италија оваа година и ќе се фокусира на „бркање“ на рекордна петта титула од Тур де Франс, објави неговиот Тим Скај.

Британецот Фрум ја освои третата голема трка едноподруго со триумф на Џирото во мај минатата година, пред да заврши на третото место на Тур де Франс, каде што триумфираше неговиот колега Герант Томас.

„Беше тешка одлука да не се оди во Италија, посебно бидејќи лани победив на Џирото, но фокусот повторно се враќа на Тур де Франс. Имам прекрасни сеќавања од минатата година, но за подготовките е многу подобро да пристигнам одморен во Франција“, изјави Фрум.

И Томас нема да вози на италијанската класика, решавајќи се да се фокусира на ТдФ и на Светското првенство кое ќе се вози во Англија.

Иднината на славниот британски тим Скај е неизвесна по крајот на сезоната, откако „Скај“ потврди дека се повлекува од спонзорството на крајот на годината.

Фото: ЕПА

Scroll to Top