Францускиот тенисер Ришар Гаске рекол дека Новак Ѓоковиќ не е виновен поради тоа што некои играчи кои учествуваа на „Адрија Тур“ се заразиле со коронавирусот.
Спортскиот свет не престанува да ги критикува организаторите на „Адрија Тур“ чии идеен творец е најдобриот тенисер на АТП листата. Откако Григор Димитров објави дека е позитивен на вирусот, направените тестирања во Задар открија дека заразени се уште и тенисерот Борна Чориќ, односно кондиционите тренери на Новак Ѓоковиќ и Григор Димитров. Нешто подоцна од Белград стигна информацијата дека позитивен тес на коронавирусот има и Виктор Троицки кој учествуваше на турнирот во Белград.
„Не, главниот виновник не е Ѓоковиќ. Тој не ги терал со пушка надлежните да дозволат на трибините да има 5.000 луѓе. Тоа го дозволија властите. Сигурно е и дека луѓето не биле свесни“, рекол Гаске за Лекип.
Поранешниот седми играч во светот рекол дека луѓето мора да бидат свесни дека тенисот влегол во нова ера.
„Видов дека на голф-турнир во САД имаше позитивен тест на вирусот, но тоа не беше пречка турнирот да продолжи. Тоа ќе му се случи и на тенисот, нема да се прекине турнирот доколку еден играч е заразен. Она што го видов на фотографиите од „Адрија Тур“ е дека не беа преземени никаквни мерки за заштита. Влегуваме во нова ера, во нов целосно различен од оној во кој живеевме. Натпреварите ќе продолжат“, заклучил Гаске.
Инаку според АТП сезоната во тенисот ќе продолжи на 14 август.