Поранешниот светски број 1, Новак Ѓоковиќ ја мина првата пречка на Мастерсот во Рим, откако со 6:1/6:3 го „збриша“ Украинецот Александер Долгополов за нешто помалку од еден час.
Ѓоковиќ во Рим игра како само 18. тенисер на светот, негов најслаб пласман од октомври 2006 година откако враќањето по повредата на лактот не поминува најдобро.
Против Долгополов тој немаше проблеми, правејќи брејк за 3:1 водство во првиот сет, по што со уште еден брејк го комплетираше сетот, пред Украинецот да пружи малку повеќе отпор во вториот сет. Со одличен сервис, Ѓоковиќ не дозволи проблеми во своите гемеви за повторно да направи брејк за 3:1 водство.
Следен за Ѓоковиќ е подобриот од дуелот меѓу Грузиецот Николос Басилашвили и Италијанецот Филипо Балди. На Ѓоковиќ му треба барем пласман во финалето во Рим за да не загуби 600 поени на АТП листата и да се најде под закана да не биде носител на Ролан Гарос.
На победите се врати и Јапонецот Кеи Нишикори по два порази во низа на турнирите во Шпанија, откако со 7:6(5)/6:4 го совлада Шпанецот Фелисијано Лопез во меч кој траеше час и 48 минути.
„Воопшто не беше лесно. Ветерот ни направи проблеми на двајцата со играта, но за среќа останав со самодовербата“, вели Јапонецот, кој својата последна титула ја освои во Мемфис во февруари 2016 година.
Нишикори сега игра со бугарскиот трет носител Григор Димитров.
Фото: ЕПА