Top Sport

Ѓоковиќ без милост за сонародникот, Марија со победа за сите мајки

Новак Ѓоковиќ немаше милост кон својот сонародник Миомир Кецмановиќ, совладувајќи го со 6:0/6:3/6:4 во третото коло на Вимблдон за помалку од два часа, за да обезбеди дуел со Холанѓанецот Тим ван Рајтховен во осминафиналето на турнирот каде што ја брани титулата.

Ѓоковиќ започна супериорно, со својот најдобар сет на турнирот досега, освојувајќи го за само 24 минути игра.  Кецмановиќ, потоа, очигледно се опушти од притисокот, и играше израмнето до осмиот гем во вториот сет, кога Ѓоковиќ го направи клучниот брејк. Новак направи два брејка за да поведе со 4:2 и во третиот сет, пред Кецмановиќ да врати еден брејк и само да го продолжи мечот за десетина минути.

Една година откако направи пауза за да се породи со своето второ дете, Татјана Марија успеа првпат во кариерата да влезе во осминафинале на еден гренд слем, победувајќи ја 5. носителка, Гркинката Марија Сакари со 6:3/7:5, за само петта победа над топ 10 тенисерка во кариерата на 34-годишната Германка.

Марија немаше победено на меч на гренд слем турнирите од 2018 година, пред оваа недела да забележи три по ред. Таа се врати на тенисот во јули 2021 откако се породи со својата втора ќерка Сесилија (првата ќерка Шарлот е родена во 2013), и оттогаш успеа да се искачи на 103. место на ВТА листата и да ја освои својата втора титула во кариерата во Колумбија во април. Следна за Марија е 12. носителка, Летонката Јелена Остапенко, шампионката од Ролан Гарос од 2017 година.

Нејзината сонародничка и шампионка од 2018 година, Анџелике Кербер, немаше толку среќа и загуби со 6:4/7:5 од Белгијката Елизе Мертенс.

Scroll to Top