Новак Ѓоковиќ му се придружи на Роџер Федерер во третото коло на Мастерс турнирот во Шангај. Бранителот на титулата за 70 минути игра го победи Канаѓанецот Денис Шаповалов со 6/3, 6/3.
Формата од турнирот во Токио, каде во неделата ја освои титулата, Ѓоковиќ ја пренесе и на Мастерсот во Шангај.
Светскиот број 1 рутински, без проблеми го реши талентираниот Канаѓанец.
Брејк во првиот сет направи во осмиот гем, а потоа без проблеми стигна до 1:0 во сетови. Неверојантно звучи податокот дека Ѓоковиќ во петте сервис-гемови во првиот сет загубил само еден поен.
Некаква шанса Шаповалов доби на почетокот на вториот сет, кога во вториот гем не успеа да искористи две топки за брејки. Ѓоковиќ потоа му го одзеде сервисот на противникот во петтиот гем и лесно го заклучи мечот.
Во третото коло Ѓоковиќ ќе игра против Џон Изнер.