Top Sport

Ѓоковиќ: Јас и Надал сме како дедовци, внимаваме помладите да не освојуваат Грен слем титули

Новак Ѓоковиќ на терените на СЦ „Новак“, во белградската населба Дорќол, одржа прес конференција. За светскиот број 1, ова е прва средба со новинарите по освојувањето на 10. титула на Австралија опен.

Многу прашина се крена по повод повредата со која Ѓоковиќ играше и на крајот го освои турнирот во Мелбурн. Србинот ја повреди задната ложа, во полуфиналето на АТП тутнирот во Аделаида против Данил Медведев.

Сепак „стегна заби“ и настапи на Австралија опен. Во финалето на турнирот го победи Стефанос Циципас.

„Приказните се секогаш присутни, не е само во мојот случај. Спортист кој бележи одлични резултати, секогаш ќе имаме критичари кои шпекулираат дали тоа е веродостојно или не. Немам енергија, желба или време да се занимавам со секоја приказна која ќе се појави на интернет. Знам која е вистината. Некои луѓе се огласија, вклучително и самиот директор, кој кажа каква е повредата. Австралија е местото каде што ги имав моите најдобри резултати. Иако имав краток престој минатата година и ја напуштив земјата како што ја напуштив, имав желба да се вратам. Го чувствував притисокот надвор од теренот, особено првите неколку недели додека не се навикнав на тоа. Имаше ситуации за време на турнирот кои не беа лесни и пријатни за справување. Тоа е составен дел од моето патување и таа победа е уште послатка. Јас сум поисполнет со гордост, откако ги поминав тие работи со мојот тим.”

Српскиот тенисер проговори и за рафа Надал, за кого рече дека е неговиот најголем ривал.

„Мислам дека двајцата би потпишале да играме во финалето на Ролан Гарос. Тој е дефинитивно мојот најголем ривал, против него имам најмногу натпревари од сите други. Ние сме генерациски блиски, па на некој начин пораснавме преку турнирите.Сепак, порано почна да освојува титули. Тој и Федерер најмногу влијаеа на мене. Тие ривалства со него, почетокот на натпреварите, секогаш ми беа енигма како да почнам да ги победувам. Не успеав да освојам Грен слем иако бев во Топ 3, тие беа последната пречка. Додека сме активни тенисери не си дозволуваме да се задржиме на големината и важноста на нашето ривалство. Тоа ќе дојде по повлекувањето, можеби ќе има прилика да разговараме. Ќе видиме дали ќе имаме уште натпревари. Сигурен сум дека ќе имаме, можеби на земјена подлога. Кога е здрав и фит тој е во врвот. Ние сме како дедовци што внимаваме помладите да не освојуваат Грен слем титули“.

Фото/Б92

Scroll to Top