Top Sport

Ѓоковиќ пак го победи Димитров, Швјонтек незапирлива во Рим

Шесткратниот шампион од Мастерсот во Рим, Новак Ѓоковиќ ја продолжи апсолутната доминација во мечевите против бугарскиот тенисер и негов близок пријател, Григор Димитров, стигнувајќи до 6:3/4:6/6:1 победа.

Со победата, Ѓоковиќ го подобри скорот против Димитров на 11-1, со единствена победа на Димитров на Мастерсот во Мадрид во далечната 2013 година. Во осминафиналето, Ѓоковиќ ќе игра со подобриот од мечот меѓу 13. носител, Британецот Камерон Нори и Унгарецот Мартон Фучович.

Холгер Руне ја издржа непријателската атмосфера за со 6:4/6:2 да го елиминира италијанскиот ветеран Фабио Фоњини, додека Данил Медведев, конечно, во четвртиот настап на турнирот стигна до победа, од 6:4/6:2 над Финецот Емил Русувуори.

Кај дамите, пак, двократната актуелна шампионка, Ига Швјонтек со 6:2/6:0 ја совлада Украинката Лесја Цуренко за да се пласира во четвртото коло во Рим, продолжувајќи ја победничката серија на „Форо Италико“ на 13 меча. Во првиот меч во Рим, таа со 6:0/6:0 ја декласираше Анааастасија Пављученкова.

Scroll to Top