Top Sport

Ѓоковиќ победи во Рим, па прати молитва за жртвите од училиштето „Рибникар“

Новак Ѓоковиќ се намачи против Аргентинецот Томас Мартин Ечеврија, но на крајот стигна до 7:6(5)/6:2 победа за дуел со својот стар познаник, бугарскиот тенисер Григор Димитров и покрај тоа што во првиот сет се жалеше што на терените на „Форо Италико“ имаше премногу земја.

Победата тој ја посвети на убиените деца во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, пишувајќи на камерата интересна порака со православниот светец Василиј Острошки, чиј ден денес се празнува.

„Св. Василиј Острошки, моли го Бог за нас. ОШ ‘Рибникар’“, стоеше во пораката на светскиот број 1.

По пауза од три недели, српскиот тенисер се врати на терените и тоа веднаш се забележа против Ечеверија, кој претходно призна дека Ѓоковиќ е неговиот тениски идол. Иако немаше знаци дека Ѓоковиќ има проблеми со лактот поради кој го пропушти Мастерсот во Мадрид, Ечеверија направи брејк и поведе со 3:1, пред Србинот да се „разбуди“ и да врати на 4:3, пред да се пожали на линискиот судија дека има премногу земја на теренот.

Во тај-брејкот, Ечеверија имаше 3:0 и 5:3 водство, но Ѓоковиќ освои четири поени во низа за по 75 минути да поведе со 1:0. Во вториот сет, тој се врати во ритам и бргу стигна до 4:2 водство и победа.

Актуелната шампионка, Ига Швјонтек исто така го помина првиот меч, но далеку полесно од Ѓоковиќ, декласирајќи ја Русинката Анастасија Пављученкова со 6:0/6:0 за помалку од еден час. 21-годишната двократна шампионка од Рим, минатата недела загуби во финлето во Мадрид.

Scroll to Top