Top Sport

Ѓоковиќ преку Фучович до полуфинале на Вимблдон – пресудија поените по прв сервис

Најдобриот светски тенисер во моментов, српскиот ас Новак Ѓоковиќ без загубен сет се пласираше во полуфиналето на неофицијалното светско тениско првенство – Вимблдон. Тој предмалку на централниот терен во Лондон за 2 часа и 20 минути игра, со убедливи 3-0 (по сетови 6-3 6-4 и 6-4) славеше против 48. на ВТА листата, Мартон Фучович од Унгарија.

Стартот на Ѓоковиќ беше фуриозен. Со два освоени брејка во воведните гемови брзо стигна до предност од 5-0 во првиот сет. Сепак, следуваше консолидација на Фучович, намалување на предноста на 5-3, по што српскиот тенисер успеа да го освои шестиот гем и да поведе со 1-0.

Во вториот сет Унгарецот постојано беше во водство, се до 4-4. Тогаш Ѓоковиќ со еден брејк успеа да стигне до предност која му донесе водство од 2-0 во сетови.

Во третиот сет предизвикувачот не се предаваше па иако загуби поен на свој сервис, успеваше да биде во игра, но ја пропушти брејк можноста за 3-3 и се чини тука пропаднаа обидите за враќање во мечот.

Ѓоковиќ рутинирано стигна до 6-4 и обезбеди влез во полуфиналето каде противник ќе му биде подобриот од дуелот Качанов – Шаповалов. Тие во моментов играа петти одлучувачки сет.

Наскоро ќе започнат другите две четвртфинални пресметки – Федерер против Хуркач и Беретини против Оже-Алиасим.

Scroll to Top