Top Sport

Ѓоковиќ: Тенисот треба да се организира по урнекот на НБА

Новак Ѓоковиќ, најдобриот светски тенисер и сопственик на 24 грен слем титули, повторно проговори за Здружението на професионални тенисери (ПТПА) кое го предводи и борбата што ја води за подобар статус на тенисерите.

Српскиот ас истакна дека од овој спорт можат да живеат само оние кои се во топ 500.

„Бев во позиција на тенисер кој се бори за своето место под сонцето и знам за каква борба се работи. Знам колку е тешко да се покријат патните трошоци доколку немате поддршка од вашата федерација. А поддршка немаат повеќе од 90 отсто од тенисерите. Тие немаат буџет да платат физиотерапев или тренер. Дури и од тие што се меѓу 500. најдобри, повеќе од половина не можат да си дозволат тренер, а камоли физиотерапевт. Многу се зборува за тоа колку заработуваат победниците на Грен слем турнирите, но не зборуваме за тоа колку луѓе всушност живеат од овој спорт“, истакна Ѓоковиќ.

Новак вели дека сака да се бори за подобри услови за сите тенисери.

„Имам моќ и влијание и сакам да зборувам за тоа. Не помалку од 500 тенисери можат да живеат од спорт кој е супер глобален и еден од најгледаните на планетата. Тоа е лошо, тоа е неуспех за нашиот спорт“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот ас смета дека тенисот мора да се организира слично како кошаркарската НБА лига.

„Кога си во НБА лигата имаш загарантиран приход дури и да не играш. Средено е да имате сè. Имате тренер, имате опрема, облеката, не треба да се размислува за тие најосновни работи. Во тенисот тоа не е случај, но верувам дека може да се направи“.

Foto/ EPA

Scroll to Top