Top Sport

Гушчина падна на допинг тест од Лондон 2012

Руската спринтерка Јулија Гушчина, која беше дел од руската штафета 4х400 метри која освои сребро на Олимпијадата во Лондон во 2012, падна на допинг-тест, објави Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ).

По повторната анализа на примероците од 2012 година, е пронајден траг на забранетите средства дехидрохлорметил-тестостерон и станозолол, објави ИОЦ. Суспензија добива и руската натпреварувачка во скок во височина, Ана Назарова.

Гушчина претходно освои злато со руската штафета на 4х100 метри на Олимпијадата во Пекинг, меѓутоа тој медал и беше одземен поради допинг-прекршокот на нејзината колешка Јулија Чермошанскаја. Сребрениот медал на 4х400 метри од Лондон исто така и беше одземен претходно поради допинг-прекршокот на Антонина Кривошапка.

34-годишната Гушчина стана хит на СП во Русија, кога по освојувањето на златото на 4х400 метри имаше интимен бакнеж со својата сонародничка Ксенија Рижова, потег кој многумина сметаа дека беше реакција на новите анти-геј закони во Русија. Двете атлетичарки велеа дека се работи само за „момент на прослава“.

Scroll to Top